Published On: November 2, 2026|Categories: Соопштенија|

МАЛИ СИПАНИЦИ (МОРБИЛИ)

Вовед

Малите сипаници (морбили) се акутно, високо заразно вирусно заболување предизвикано од вирусот на морбили. Се карактеризира со висока температура, респираторни симптоми и карактеристичен осип. Најефикасна заштита е вакцинацијата.

Начин на пренос

Вирусот се пренесува преку воздухот, со кашлање, кивање, зборување и дишење на заразено лице. Може да остане во воздухот до 2 часа.

Заразеното лице може да пренесува вирус:

  • 4 дена пред појавата на осипот;
  • 4 дена по појавата на осипот.

Знаци и симптоми

Инкубацискиот период најчесто трае 11–14 дена. Главни симптоми се:

  • Висока температура и малаксаност
  • Кашлица и течење на носот
  • Црвенило и воспаление на очите
  • Копликови дамки во устата
  • Црвен макулопапуларен осип кој започнува од лицето и се шири кон телото

Можни компликации се воспаление на средното уво, дијареја, пневмонија и енцефалитис. Ретка, но сериозна доцна компликација е SSPE.

Кога да се посомневаме на морбили?

При појава на висока температура, кашлица, течење на носот, црвенило на очите и генерализиран осип, особено кај невакцинирани лица или лица кои биле во контакт со заболен.

Дијагноза

Дијагнозата се потврдува лабораториски преку:

  • IgM антитела во крвта.
  • RT-PCR тест од брис од грло или назофарингеален брис.

 

 

Превенција и контрола

Најефикасна превенција е вакцинацијата со МРП вакцина (мали сипаници, рубеола и паротит), која се прима во две дози согласно националниот календар за имунизација.

Дополнителни мерки:

  • Избегнување контакт со заболени лица.
  • Останување дома при појава на симптоми.
  • Изолација на заболените најмалку 4 дена по појавата на осипот.
  • Известување на матичниот лекар при сомнеж за заболување.
  • Следење на контактите до 21 ден по изложувањето.
  • Навремена постекспозициска профилакса по лекарска проценка.

Третман

Не постои специфична антивирусна терапија за морбили. Третманот е симптоматски и вклучува надоместување течности, намалување на температурата и следење за можни компликации. Антибиотици се применуваат само при бактериски инфекции.

Заклучок: Малите сипаници се високо заразно заболување кое може да предизвика сериозни компликации. Редовната вакцинација со две дози МРП вакцина е најважната мерка за заштита на поединецот и заедницата.