Светскиот ден за безбедност на пациентите (World Patient Safety Day) се одбележува секоја година на 17 септември, како глобална иницијатива на СЗО која ги повикува пациентите, семејствата, здравствените работници, креаторите на политики и заедниците да поддржат и промовираат безбедност во здравствената нега.
Овој ден е воспоставен со резолуцијата WHA 72.6 “Global action on patient safety” од Светското здравствено собрание и е официјална глобална јавна здравствена кампања на СЗО.
Тема за 2025 година: “Безбедна нега за секое новороденче и секое дете”
Слоган: “Безбедноста на пациентот – од самиот почеток!”
Во 2025 година, фокусот е ставен на негата на новороденчињата и децата до 9 години, бидејќи тие се меѓу најранливите пациенти.
Зошто е важно?
- Децата не се “мали возрасни” – имаат специфични здравствени потреби.
- Многу штетни настани можат да се избегнат.
- Грижата за детето бара тимска соработка: лекари, медицински сестри, родители и старатели.
Клучни пораки и цели за 2025 година:
- Подигнување на глобалната свест за ризиците во негата на новороденчињата и децата и прилагодување на здравствените услуги според специфичните потреби на оваа група.
- Мобилизирање на владите, здравствените организации, професионалните здруженија и граѓанското општество за спроведување на одржливи стратегии насочени кон безбедна нега на деца и новороденчиња.
- Залагање и јакнење на истражувања во областа на безбедност на пациентите, со акцент на нега на најмладите.
Дополнително, СЗО укажува:
- Детската нега мора да биде прилагодена врз основа на возраст, тежина, развојна фаза, здравствена состојба и комуникациски капацитет на детето.
- Посебен ризик постои во интензивна нега и комплексни третмани; безбедноста мора да биде приоритет низ целиот процес.
- Безбедната нега е резултат на добро дизајнирани системи и тимска работа, каде секој – вработен, родител, старател – има важна улога.
Како се одбележува овој ден?
- Осветлување на објекти во портокалова боја – симбол на безбедност.
- Информативни кампањи во здравствени установи.
- Објави на социјални медиуми и web-страни.
ЗАПОМНЕТЕ:
- Секој пациент има право на безбедна и квалитетна здравствена заштита.
- Безбедноста не е привилегија – таа е право. Да обезбедиме безбедна грижа за секое дете, од самиот почеток.
- Безбедноста на пациентите е одговорност на сите – здравствените работници, институциите, пациентите и нивните семејства мора да работат заедно за побезбедно здравство.
Подготвил: Д-р Билјана Цекова
Oтсек за социјално-медицинска дејност
ЈЗУ Центар за јавно здравје – Штип


