Published On: June 23, 2025|Categories: Соопштенија|

“Светски ден на борба против дрогата – 26-ти јуни”

Генералното собрание на ОН со резолуција 42/112 во 1987 година го прогласи 26-ти јуни за Меѓународен ден на борба против злоупотреба на дроги и нелегален промет со дроги. Денот се одбележува низ целиот свет, а целта е да се предупреди пошироката јавност за проблемот со злоупотребата, да се поттикнуваат здрави стилови на живот, а со тоа и да се влијае на сузбивањето на проблемот со злоупотреба на дроги.

На ниво на ЕУ, според последните податоци од Европскиот извештај за дроги за 2024 година на Европскиот центар за следење дроги и зависности од дроги (EMCDDA), канабисот (околу 8% од возрасните Европјани на возраст од 15 до 64 години) и кокаинот (околу 1,4% од возрасните Европјани на возраст од 15 до 64 години) се најчесто консумираните дроги во Европа. Трендовите во однос на лечењето на зависноста ни покажуваат дека во ЕУ се бележи благиот пад на бројот на лица кои се лечат од употреба на опијати и зголемување на лицата кои влегуваат во системот за третман поради консумација на стимуланси. Во извештајот се истакнува сè порастечката закана од моќни синтетички дроги, нови мешавини и променливи образци на употреба на дроги во Европа. Достапноста на разновидни и високо потенцијални психоактивни супстанци ги зголемува здравствените ризици за корисниците, вклучувајќи и смртни труења.

Гада Вали, извршна директорка на Канцеларијата на Обединетите Нации за дроги и криминал (UNODC), изјави дека обезбедувањето третман и поддршка засновани на докази за сите оние кои се погодени од употреба на дрога е потребно, “додека се таргетира нелегалниот пазар на дрога и додека се инвестира многу повеќе во превенцијата”. „Производството на дрога, трговијата со дрога и нејзината употреба продолжуваат да ја влошуваат нестабилноста и нееднаквоста, додека причинуваат непроценлива штета на здравјето, безбедноста и добробитот на луѓето,“ e позната изјава на ”Ghada Waly”.

Како посебно вулнерабилна група се истакнуваат младите. Злоупотребата на средства за зависност меѓу децата и младите претставува еден од глобалните јавно-здравствени и социјални проблеми на современото општество. Затоа е исклучително важно навремено да се реагира.

Потребно е да се подигне свеста за важноста да се третираат луѓето кои користат дроги со почит и емпатија; обезбедување на доброволни услуги базирани на докази за сите; нудење алтернативи за казнување; давање приоритет на превенцијата. Важно е да се истакне борбата против стигмата и дискриминацијата против луѓето кои користат дроги преку промовирање јазик и ставови кои се почитуваат и не осудуваат.

 

Подготвил:

Д-р Билјана Цекова

Отсек за социјално-медицинска дејност

ЈЗУ Центар за јавно здравје – Штип