Published On: May 26, 2025|Categories: Соопштенија|

Mpox е вирусно заболување што обично се пренесува преку близок и продолжен контакт со заразено лице – преку контакт кожа со кожа (допирање, сексуален однос), контакт на слузокожа со слузокожа (на пр. бакнување), контакт со контаминирани површини (како што се облека или постелнина) или преку повреди од игла.

Исто така,  можна е и трансмисија преку заразни респираторни честички при близок разговор или дишење лице в лице.
Инкубациониот период изнесува од 1 до 21 ден, со просек од околу 7 дена. Болеста најчесто се манифестира со треска, главоболка, малаксаност, болки во мускулите, отечени лимфни јазли, болки во грлото и карактеристичен кожен осип. Осипот најчесто започнува на лицето, гениталната или аналната регија и може да се прошири на други делови од телото, поминувајќи низ неколку фази пред целосно заздравување.
Периодот на инфективност започнува со појавата на првите симптоми и трае сè додека кожните промени целосно не зараснат – обично од 2 до 4 недели.
Превенција:
Избегнувајте близок физички контакт со лица кои имаат осип или симптоми слични на Mpox.
Мијте ги рацете често со вода и сапун или користете средство за дезинфекција на база на алкохол.
Не споделувајте постелнина, облека, крпи или други лични предмети.
Користете заштитна опрема при контакт со потенцијално заразени лица (особено во здравствени установи).
Практикувајте безбеден сексуален однос и информирајте се за симптомите кај партнерот.
Потребно е да се почитуваат препораките на здравствените институции и да се јават кај својот матичен лекар доколку имаат симптоми слични на Mpox или ако имале близок
контакт со лице со потврдена инфекција.
Здравствените институции остануваат посветени на транспарентно информирање на јавноста и на заштита на јавното здравје.