“Светски ден на грижа за себе” – 24 јули
Месецот на грижа за себе започнува од 24 јуни, а завршува со “Светскиот ден на грижа за себе” – 24 јули. Овој симболичен ден е избран бидејќи грижата за себе може да се практикува „24 часа на ден/7 дена во неделата“.
Поминаа шест години откако СЗО го објави првиот глобален водич за интервенции на грижа за себе за здравје и благосостојба, што го отвори патот за поврзување на заедниците, примарната здравствена заштита и здравствените системи. Оттогаш, СЗО објави многу други ресурси за да им помогне на земјите да спроведат интервенции за грижа за себе и да ја направат здравствената заштита подостапна за сите.
Активности за самогрижа се навики, практики и избор на работи што можеме да ги направиме за да се грижиме за себе и да водиме поздрав живот. Тие вклучуваат, но не се ограничени на:
- Практикување редовна физичка активност – секое движење е важно, а физичката активност има огромни здравствени придобивки за нашите срца, умови и тела.
- Јадење здрава храна – јадете разновидна храна, вклучувајќи полнозрнести житарки, многу овошје и зеленчук, јаткасти плодови и мешунки. Воедно, не заборавајте на храна од животинско потекло како месо, риба, јајца и млеко.
- Грижа за нашето ментално здравје – доброто ментално здравје е од витално значење за нашето целокупно здравје и благосостојба. Работите што ни помагаат да се грижиме за нашето ментално здравје вклучуваат: поздрав начин на живот, поминување време во природа и на отворено, разговор со семејството и пријателите, квалитетен сон и управување со стресот.
- Престанок со консумација на алкохол и тутун.
Зошто самогрижата е толку важна?
- Сите ние имаме улога во унапредувањето и одржувањето на нашето здравје.
- Самогрижата ни дава моќ да бидеме активни учесници во грижата за сопственото здравје.[1]
Подготвил: Д-р Билјана Цекова
Oтсек за социјално-медицинска дејност
ЈЗУ Центар за јавно здравје – Штип
[1] Извор: World Health Organization, Self-Care Month 2025, https://www.who.int/news-room/events/detail/2025/06/24/default-calendar/self-care-month-2025


