Историјат на Центарот за јавно здравје – Штип
Центарот за јавно здравје – Штип претставува една од најстарите здравствени установи во Република Македонија. Неговите почетоци датираат веднаш по ослободувањето, кога е основан како анти-маларична станица. Во 1975 година влегува во составот на Медицинскиот центар – Штип како хигиено-епидемиолошка служба, а од 1 јануари 1994 година започнува со самостојна работа како Завод за здравствена заштита.
Со донесувањето на Законот за јавно здравје во 2009 година, институцијата добива ново име – Центар за јавно здравје – Штип. Денес, ЦЈЗ Штип е реномирана јавноздравствена установа која опфаќа и делува на територијата на општините Штип, Карбинци, Радовиш, Конче и Пробиштип.

Центарот има превентивна функција со примарна цел заштита и унапредување на здравјето на населението. Дејноста ја остварува преку:
– следење, собирање и анализа на податоци за заболувањата, смртноста и здравствената состојба на населението;
– следење на хигиенско-епидемиолошките состојби и еколошките услови кои влијаат врз здравјето;
– истражување и контрола на заразни и хронични заболувања;
– мониторинг на квалитетот на воздухот, храната и водата за пиење;
– анализи во микробиолошки, паразитолошки, хигиенски и физичко-хемиски лаборатории;
– здравствено воспитување и промоција на здрави навики;
– изработка и спроведување на единствени методолошки програми и здравствена статистика.
ЦЈЗ Штип располага со современо опремени лаборатории и стручен кадар, кои компетентно, непристрасно и согласно меѓународните стандарди (МКС EN ISO/IEC 17025), вршат испитување на храна, вода и други еколошки фактори. Лабораторијата за санитарна хемија, како дел од Одделението за санитарно-хигиенска дејност со здравствена екологија, функционира по утврдени организациони процедури и валидирани методи.
Центарот работи согласно Законот за здравствена заштита, Статутот на установата и други релевантни акти, обезбедувајќи квалитетна и професионална услуга на граѓаните и институциите во регионот.


Организација и структурни барања
4.1 Непристрасност
Активностите во лабораторијата мора да се изведуваат непристрасно и да бидат управувани на тој начин да обезбедат непристрасност. Лабораторијата мора да идентификува ризици на нејзината непристрасност и мора да биде способна да ги елиминира или минимизира овие ризици.
4.2 Доверливост
Персоналот во лабораторијата мора да ги чува доверливи сите информации добиени или создадени за време на изведбата на лабораториските активности со исклучок на тие кои се бараат со закон. Персоналот има потпишано изјава за непристрасност и доверливост која е заверена во архива.
5. СТРУКТУРНИ БАРАЊА
5.1 Правен идентитет
ОДД за мед и санитарна микробиологија и Лабораторија за санитарна хемија, каде се врши и тестирање на храна и вода, се организациски единици на ЦЈЗ ШТИП, регистриран со Решение на Собрание на Р.Македонија со решение 29.07.1993, како ЈАВНА ЗДРАВСТВЕНА УСТАНОВА ЦЕНТАР ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ.
Скратениот назив е: ЈЗУ ЦЈЗ Штип.
Седиштето на ЦЈЗ е во Штип на ул. Христијан Карпош 66, а дејноста ја врши за подрачјата на општините Штип, Карбинци, Радовиш, Конче и Пробиштип.
Организација
Организацијата на ЦЈЗ Штип е утврдена во Статутот на ЦЈЗ и Правилникот за организација на работата и систематизација на работните места и работните задачи. Во овие општи акти детално се опишани и задачите и одговорностите на раководството и персоналот.
Санитарно-хигиенската, епидемиолошката, лабораториската и социјално-медицинската дејност се врши во седиштето на Центарот во Штип и во своите подрачни одделенија во Радовиш и Пробиштип.
За остварување на овие дејности ЦЈЗ се организира во организациони единици кои претставуваат организационо-техничка целина во процесот на работата и тоа:
– Одделение за Санитарно-хигиенска дејност со здравствена екологија;
– Одделение за Епидемиолошка дејност и Социјално-медицинска дејност;
– Одделение за медицинска и санитарна микробиологија.
Одделенијата се поделени во помали организациони делови т.е. отсеци.
Заради вршење на правни, сметководствени, финансиски, административно-стручни и општи работи во ЦЈЗ е организирана Служба за заеднички работи т.е. економско-правна служба.

