Согласно известувањето на Министерството за здравство за воспоставување засилен епидемиолошки надзор по прогласената епидемија на акутни гастроентерити во Општина Гостивар, ЈЗУ Центар за јавно здравје Штип ги повикува граѓаните во наредниот период внимателно да ја следат својата здравствена состојба.
Иако епидемиолошката состојба се стабилизира, одредени заболувања што се пренесуваат по фекално-орален пат може да имаат подолг инкубациски период. Затоа, навременото препознавање на симптомите е од особено значење.
Обратете се кај вашиот матичен лекар доколку се појават:
- пожолтување на кожата или очите;
- темна урина или светла столица;
- гадење или повраќање;
- покачена телесна температура;
- изразен замор;
- болка под десниот ребрен лак;
- губење на апетит.

Не се препорачува самоиницијативно лекување или одложување на лекарскиот преглед.
За да го заштитите своето здравје и здравјето на најблиските:
- редовно мијте ги рацете со сапун и вода;
- користете безбедна вода за пиење;
- темелно мијте ги овошјето и зеленчукот;
- храната соодветно термички обработувајте ја;
- одржувајте добра лична хигиена.
ЈЗУ Центар за јавно здравје Штип, согласно насоките на Министерството за здравство, продолжува со засилен епидемиолошки надзор и континуирано следење на состојбата.
Раното препознавање и навременото јавување кај лекар овозможуваат навремено лекување и спречување на понатамошно ширење на заразните заболувања.

